Хрватскиот премиер ги отфрли како неосновани обвиненијата на Србија против четворицата хрватски пилоти за бомбардирање на колона српски цивили за време на операцијата „Бура“ во 1995-та година.
„Хрватска не прифаќа српското обвинителство да поднесува обвиненија против несрпски државјани кои живеат на територија различна од Србија“, изјави синоќа Андреј Пленковиќ, пренесува Хина.
Тој изрази мислење дека „Србија, која беше агресор против Хрватска, Словенија, БиХ, Косово, сега си игра“ некакво обвинителство или суд и рече дека „нема да помине“.
Пленковиќ рече дека Хрватска сакала да го реши проблемот со договор, но дека, српската страна се оглушила на тоа.
„Доколку Србија не го прифати нашиот предлог за соработка, а потоа Белград ги достави таквите документи, тоа нема да помине и ние тоа го кажуваме многу јасно“, рече премиерот на Хрватска.
Специјалното одделение за воени злосторства на Високиот суд во Белград го потврди првото обвинение поднесено од Српското обвинителство за воени злосторства против четворица офицери на хрватското воздухопловство за злосторства извршени во воено-полициската операција „Бура“, договорено на состанок на хрватското воено и политичко раководство во Бриони, 31 јули 1995 година.






