Власта, што се колне во транспарентност, се уште на својата веб страница ги нема објавено платите на премиерот и на министрите – пишува Фактор.
Ако отворите на сајтот на Владата, можете да ги видите платите на поранешниот премиер Зоран Заев, како и на членовите на неговата Влада, со напомена дека ова се платите на владиниот состав заклучно со декември 2020 година. И тоа е така долг период наназад.
Колку плата зема премиерот Димитар Ковачевски и министрите во неговата Влада, засега нема објавено прецизен податок на владината веб страница.
Фактор веќе ги има објавено платите на претходниот владин состав.
Од тие причини се обратиле со прашања до Владата зошто се уште не се објавени примањата на новиот премиер и министри, но и побарале да им испратат листа со платата на новиот премиер и секој министер поединечно.
Конкретно, до Владата уште во четвртокот минатата недела, ги испратиле следниве прашања.
Зошто на веб страната на Владата каде што се објавени податоците за платите на премиерот и на министрите, не се објавени новите износи на плати на премиерот и на министрите, туку датираат старите износи и имиња, уште од декември 2020 година, кога сме веќе април 2022 година? Исто така, „Ве замолуваме за Фактор да ги објавите точните износи на плати што сега ги земаат премиерот Димитар Ковачевски и министрите, односно колку во моментов се нивните точни износи?“, гласеа прашањата што Фактор ги испрати до Владата.
Оттаму, наредниот ден добиле одговори кои упатуваат дека податоците се ажурираат и ќе се објават наредните денови, дека платите се исти како и претходно, но не добиле како што барале конкретни имиња на министри и поединечни износи на плати што ги добиваат.
„Податоците на веб-страницата на Владата се во фаза на ажурирање и ќе бидат објавени во наредните денови, коефициентот на бодот за износот на месечните плати на премиерот и на министрите е идентичен со оној на претходниот состав на Владата.
Инаку, премиерот, министрите и заменик-министрите ги избира и ги разрешува Собранието на Република Северна Македонија. Во постапката за избор се определува и коефициентот за пресметка на месечната плата“, се вели во одговорот што го добивле од Владата.
Целиот текст на следниот линк:
https://www.faktor.mk/kolkava-plata-zemaat-novite-ministri—i-po-tri-i-pol-meseci-od-izborot-na-vladinata-veb-stranica-stojat-podatocite-od-2020-godina





