Владата најави дека граѓаните со ниски примања ќе добијат платежна картичка за купување домашни производи, како дел од мерките за справување со корона-кризата, но дека картичките, првично најавени за 3 јули – ќе доцнат.
„Неспорно е дека се темпира со датумот за изборите. Гледате дека сега има 125 заболени и 7 мртви, значи состојбата оди на полошо и најверојатно на седницата в петок ќе се продолжи таа вонредна состојба. Најверојатно изборите ќе бидат на 19 јули, значи картичките ќе се поделат точно до денот пред гласање“, вели политичкиот аналитичар Александар Даштевски, за Радио Слободна Европа.
Тој вели дека кој се работи за предизборен поткуп.
Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, смета дека се работи за коинциденција.
„Прво, не верувам дека калкулира зашто картичките беа најавени во период кога владата инсистираше за избори на 21 јуни, а картичките беа најавени за јули. Така што не би ги поврзувал тие прашања. Можеби има коинциденција“, вели тој.
Владата продолжува со плановите за избори на 5 јули и вчера донесе уредба за ажурирање на избирачкиот список согласно тој датум.






