Планот за чист воздух, со кој власта ветуваше дека загадувањето на воздухот во главниот град Скопје во рок од две години ќе биде намалено за 50 проценти, а во останатите градови за 30 проценти, на крајот на 2018 година го промовираше тогашниот заменик министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, пишува Радио Слободна Европа.
Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ за РСЕ велат дека уште тогаш ги навеле бројните недостатоци на Планот. Од организацијата посочуваат дека укажале на тоа дека целта нема да биде реализирана.
„Ниту во Влада, ниту во Министерството за животна средина и просторно планирање, никој повеќе не зборува во јавноста за овој План, иако ќе треба да се излезе со финалните анализи, кои се причините поради кои не ја исполнил целта, што од ветеното во Планот е исполнето, а што не и зошто, и дали некој конечно ќе преземе одговорност за неисполнувањето на планот и неостварените цели“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“





