„ЕЛЕМ турс најавува дека ќе се прави идеен проект за изградба на нова жичарница Тетово – Попова Шапка. Се уште се разгледуваат можностите за странски вложувања.“ – објави информативниот портал на македонски јазик „Тетово Инфо“.
„Тетово Инфо“ пишува. „Инвестиции за вештачки снег, но и за целосна продажба, за партнерство и други видови соработка со инвеститори се уште се разгледуваат од државните институции дали Попова Шапка ќе се раководи и од приватни странски компании. Според министерот за економија Крешник Бектеши, за ски – центарот, освен за јавно – приватно партнерство, како и за целосна приватизација, има и друг вид понуди. ‘Веќе имаме неколку понуди за Попова Шапка. Се разгледуваат сите можности, нивните бизнис – планови и понуди.’ – рече Бектеши.“
„Директорот на ЕЛЕМ – турс Адем Авзиу рече дека ќе се прави идеен проект за нова жичарница од Тетово до Попова Шапка. ‘Имаме планови за тоа. Со годишниот план за јавни набавки за 2022 година се предвидени пари околу идејниот проект за жичарницата. Тоа е огромен проект и голема инвестиција. Станува збор за многу сериозна и обемна работа, за која треба време за спроведување. За вештачкиот снег имавме претставници на фирма од Италија. Ги очекуваме нивните првични понуди и проценки за воведување вештачки снег на скијачките патеки Поток 1, Поток 2 и Аеродром. Бевме договорени до крајот на овој декември да имаме првичен предлог колку би можело да чини тоа и како би можело да се направи.’ – изјави Авзиу.“
„На новинарските прашања како ќе се справува Попова Шапка со сметот Авзиу одговори дека е тоа надлежност на општината и тој ги повика општинските органи да преземат нешто, бидејќи е тоа првата слика на ски – центарот.“





