„Охридската архиепископија е духовна институција, која зазема значајно место во историјата на Бугарија, Византија и воопшто на Балканот. Тврдењата за нејзината ‘македонска’ природа се побиени од стотици документи и литературни споменици, како и од самата нејзина историја.“ – тврди бугарскиот историчар професор д-р Пламен Петков во својата „историска анализа“ со наслов „Охридската архиепископија’… на цела Бугарија…’ во периодот од 1019 до 1186 г.“,, која ја објави бугарскиот информативен портал „Труд њуз“ на 17 ноември 2023. Ја пренесе и пробугарскиот портал „Трибуна“ во превод на македонски јазик под истиот наслов.
Заради согледување на „научната вистина“, која ја изнесува Пламен Петков, „Експрес“ објавува и едновремено и паралелно противодговор со историски факти и аргументи колку Охридската Архиепископија навистина се одликува со „бугарска природа“, или има исклучиво македонска природа и македонска црковно-народна историја. Противодговорот, кој го објавуваме поодделно, го напиша д-р Александар Атанасовски, универзитетски професор од Институтот за историја на Филозофскиот факултет при УКИМ од Скопје и експерт за историјата на средновековна Македонија и за историјата на Византија.
Во својата „историска анализа“, покрај другото, Пламен Петков тврди: „Талкањата“ на патријаршијата во времето на Цар Самоил ги проследивме во изданието на „Труд“ од 21.01.2022 година. Ќе забележиме дека овој проблем е правилно претставен во дисертациското дело на денешниот митрополит тетовско-гостиварски Јосиф: „ Факт е дека со трансферот по 976 година, се префрлил центарот на антивизантиската борба (…) во времето на комитопулите и царот Самуил, центарот на патријархалната традиција, поврзана до тој момент со Дрст’р. Несомнено е дека кога во 1018 година византискиот император Василиј II (976-1025) ја создал Охридската автокефална архиепископија директно подредена на него (…), тој не мислел на тоа како создавање нова независна локална црква, туку како деградација на Бугарската патријаршија во ранг на архиепископија, но со зачувување на нејзиниот автокефален статус (…). Во оваа смисла, сосема е непотребно да се негира каков било црковно-историски континуитет меѓу Охридската автокефална архиепископија создадена од Василиј II и независната бугарска патријаршија од претходниот период…“
Во Охрид во 1037 година, бугарски архиепископ станал Лав I, „првиот од Ромеите“. Новиот духовен поглавар нашол заеднички јазик со Бугарите и останал во историската меморија со обновата и проширувањето на катедралната црква „Св. Софија“… По архиепископот Лав охридскиот црковен трон до околу 1108 година го зазема и … Теофилакт Охридски, еден од познатите архиепископи, во постарите западноевропски и руски изданија нарекуван „Теофилакт Бугарски“. …
Теофилакт оставил богато книжевно наследство. Во него се вклучени „Пространото житие на свети Климент Охридски“ (во науката познато и како „Бугарска легенда“), извештајот за Тиверуполските/Струмичките маченици, други дела и голем број писма, кои се вреден извор за нашата средновековна историја. Особено е важно тоа што Теофилакт користел стари бугарски дела кои не стигнале до нас, вклучително и изгубено бугарско житие на свети Климент, напишано од еден негов ученик. …
Според специјалистите, најверојатно со Теофилакт е поврзан т.н. Охридски препис на летописот на Јоан Скилица. Неговото критичко издание ќе го објави познатиот германски византолог проф. Петер Шрајнер, одличен познавач на средновековната бугарска историја. Сигурно, ова издание ќе ни помогне уште подлабоко да навлеземе во суштината на „бугарската епопеја“ од пред еден милениум, чија персонификација е токму царот Самоил.
…Архиепископот Јован Комнин, внук на императорот Алексиј I Комнин, раководел со Охридската архиепископија пред 1143 година, и бил нејзин духовен поглавар до неговата смрт (по 1157 и пред 1160 година). … Тој е веројатно првиот охридски епископ, кој ја употребил формулата „… на Прва Јустинијана и на цела Бугарија…“, за да ги нагласи древните корени на христијанската вера во бугарските земји.
Двете бугарски цркви со центри во Трново (од 1186 година, архиепископија, од 1235 година, патријаршија) и Охрид одржуваат врски. Соживотот на двете цркви е факт. Од таа причина, заедно со д-р Милен Врабевски, д-р Горан Благоев и други истомисленици инсистиравме Светиот Синод да го прифати барањето на МПЦ-ОА, Бугарската патријаршија, а не некој друг, да стане нејзина „мајка црква“. Нашиот повик не беше слушнат.
…





