Работничката партија на Курдистан (ПКК), вооружена група која Турција и западните земји ја сметаат за терористичка, ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад вчера во Анкара, кога бомбаш-самоубиец активираше експлозивна направа во близина на Министерството за внатрешни работи.
Двајца припадници на полициските сили се полесно повредени, додека другиот напаѓач е убиен во размена на оган со полицијата, објави министерот Али Јерликаја.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека терористите не успеале во „последниот обид“ да го загрозат мирот и безбедноста на граѓаните.
„Тие не ги постигнаа своите цели и никогаш нема да ги постигнат“, рече Ердоган при обраќањето пред пратениците во турскиот парламент.





