Писмо од поддржувач до Заев: Се претвораш во Доријан Греј

Колумнистот, блогерот и активистот Др. Ненад Живановски во свој текст го анализира „каменот меѓник“ по кој премиерот Заев ги загубил непартиските поддржувачи.



Др. Ненад Живановски

Во една поблиска или подалечна иднина, кога Зоран Заев и СДСМ ќе ги изгубат изборите и ќе паднат од власт, а што неминовно ќе се случи бидејќи променливоста на власта е есенцијата на демократијата, во нивните партиски анализи „каде згрешивме“, неопходно ќе мораат да ги земат во предвид и овие петнаесеттина дена во кои се случуваат скандалите со доделените грантови за инвестиции и тендерот за реагенси на Министерството за здравство.

Овој период е, фигуративно кажано, „каменот меѓник“, кој може да го означи времето до кога му се верувало на чесниот и правдољубив Заев и СДСМ и од кога дошло до раскинување на довербата и почнала ерата на нов Заев и СДСМ, симплифицирано опишани со флоскулата „сите се исти“.

Без претерување и патетика, ова е „судбоносниот момент“ кога кај непартиските поддржувачи може да се прекрши огромната поддршка и симпатија кон Премиерот и Владата и да дојде до разочараност од изневерувањето на каузата која сите нѐ сплотуваше – да се турне режим и да се изгради ново општество правично за сите.

Со својата последна изјава за аферите, Заев им плукна во лице на сите тие поддржувачи, го потцени нивниот интелект и јасно им даде до знаење дека помеѓу принципите за кои се бореше додека беше лидер на граѓанскиот отпор и сегашниот Заев-премиер, има разлика.

Разлика која кај многумина почнува да создава сомнеж дека овој Заев не е истиот оној Заев – нашиот Заев, кого го знаеме и паметиме од протестите и шетањата од СЈО, преку Влада, до Собрание, со кого во Универзална сала и на лајв стрим заеднички ги слушавме бомбите, кој во доцните пополноќни часови даваше изјави во Пржино, со кои не охрабруваше нас апатичните и со изгубена надеж граѓани, дека живот мора да има за секого и дека Груевски и Фамилијата ќе паднат.

Денес, како да се претворил во опскурниот Доријан Греј – едно лице има на јавните настани, изложби и концерти, а друго, кога ќе остане сам, пред својот портет закачен на ѕидот во кабинетот.

Целата анализа на а1он.мк