Писмо до Блаже Конески: Не гледаш и негодуваш…

Потресно постхумно писмо на професорката Елка Јачева Улчар до покојниот Блаже Конески:



Писмо до Блаже Конески
(по повод 26 години од смртта)

Пресветол Учителу драг,
Веќе долги години се крчка во мене едно писмо и еве дојде денот да Ти го напишам. Се извинувам што Ти велам Ти, но јас, ете, во стилот преверовски, Ти им велам на сите што ги сакам.

Мојот интерес за Тебе почна пред, речиси, половина век. Имав 5-6 години и со моите бевме во Дојран. Седевме на една маса спроти Тебе. Мислам дека беше во друштво на Солунски, не знам, не се сеќавам добро на изгледот на човекот, ни кој беше и ни што беше тој.

Едноставно, само презимето ми остана в глава. Татко ми ме фати за рака и рече: – Дојди, да те запознаам со Блаже Конески. Со кого? – прашав наивно. – Со нашата најголема жива легенда! – ми рече татко ми.

Ќе се смееш сега така тивко ѕвонливо, како што само ти умееше, ама јас не сакав да дојдам. Толку страшно ми прозвуче тоа „легенда“ тогаш, па уште и жива. Низ годините разбрав кој си Ти, Велик Учителу, наш.

Знам дека не се сеќаваш, ама јас прв и единствен пат се ракував со Тебе кога имав 19 години. Ти беше веќе заминат во пензија, а јас студентка во првата година на Групата за македонски јазик со југословенски јазици.

Катедрата за македонски јазик, мислам, некаде ова време, доцноесенско, организираше Македонистичка вечер на која јас настапив со една моја песна како одговор на Твојата, „Виргино Брдо“. Не се сеќавам на целата моја песна, ама на крајот јас, замисли јас, самоуверената и младешки пркосна Елка, Те тешам (оф мори мајко, и сега се срамам): „Не е важно што висат туѓи завеси на прозорците (се мисли на прозорците од некогашниот дом на Блаже Конески, заб. моја) / сенката на твојата присутност им се потсмева на новодојдените.“

Ти задоволно се смешкаше, ми аплаудираше, а јас ќе летнев од радост да немаше таван од Библиотеката. Подоцна професорот што Те довезе на настанот ми рече дека „на Професорот му е драго што студираш македонски јазик.“ И мене ми беше драго тогаш, а особено ми беше драго во оние први години од самостојна и независна Македонија што се совпаднаа со моето дипломирање, кога мислев, не само јас туку и голем број генерации дека ќе бидеме првите генерации Македонци што директно ќе учествуваат во историскиот чин на градењето на модерна, независна, самостојна македонска држава со граѓани што ќе живеат и ќе творат во неа – достоинствено и по човечка мера.

Но… Наместо тоа, како што и самиот знаеш, како што и самиот почувствува на своја кожа, во тие први години од создавањето почна еден процес на демакедонизација, деконструкција, извртување и превртување на сЕ наопаку што доведе до тоа мојата македонистичка гордост да се претвори во горчина, јад и чемер…

Уште додека беше со нас, некои Твои ученици, главно, писатели се свртеа против Тебе: авторот на првиот Правопис на македонскиот јазик, авторот на првата академска Граматика на македонскиот јазик, авторот на првата и засега единствена Историја на македонскиот јазик, редакторот на првиот толковен Речник на македонскиот јазик…

Вперија остри ножеви во Тебе и Те обвинуваа дека: си ни го србизирал јазикот, си ни ги избришал еровите од азбуката… фрлаа ножеви кон тебе луѓе што не знаеја да разликуваат етимолошки од фонетски (современ, модерен) правопис, ни што е функционална фонема…

Ни денес, за жал – не знаат. Не ја знаат ни твојата големина, ни твоето значење за Македонија. Да знаеја не ќе те нарекуваа „џуџето“ од Небрегово, не ќе ти го подигнеа оној навредливо мал споменик пред портите на МАНУ, не ќе ја немаше твојата фигура во Музејот на македонската револуционерна борба, не ќе се дрзнеа ни да помислат укинување на Катедрата за македонски јазик (кое фала му на Господа не се случи); не ќе им текнеше дека јазикот како целосна и единствена наша татковина не се простира само до Гевгелија, Битола и Охрид, ами и отаде границата до Солун, Воден, Лерин и Костур, за кои, еве две години како сме согласни да ги викаме со грчко име, оти така сакале Грците; не ќе го дадевме нашето славно име за кое Ти велеше дека ќе ни го земат; не ќе се согласевме на т.н. од мене „македонски генитив“ кој подразбира придавката македонски јазик да се заменува со „на Република Северна Македонија“. НЕ гледаш, знам озгора, и негодуваш: како дозволивме да бидеме прелажани дека само името ќе ни се смени, а етникот Македонец и ктетикот македонски ќе останат цврсти, непроменливи и забетонирани. Каква е таа ограничена употреба на македонски, само за неколку именки, кажи ми Ти, Учителу драг? Еве, пред некој месец од Бугарите дознавме дека македонскиот јазик, не е македонски – ова, и Тебе ти е познато уште од 1948, туку ај што е бугарски, ами требало и да го именуваме како „службен јазик што се користи во Република Северна Македонија“. Одлично! Петка! И каков е тој Македонец што не се наоѓа во листата на народите под М, туку под Ц, под Б итн. во зависност од тоа на кој глас почнува именката „граѓанин“ во Америка, Холандија итн., зашто не сме веќе ни Македонци, туку „граѓани на Северна Република Македонија“. Негодувавме за ова малкумина. М А Л К У М И Н А! Зашто, не знам колку знаеш – овде учените луѓе, особено оние од националните катедри се фрлени под нозете на политиката. Го нема она време кога политиката ти аплаудираше Тебе Учителу сред Институтот за македонски јазик. Сега е обратно: Институтот ѝ аплаудира на политиката. За нејзината дарежливост изразена во пари, но не за научни проучувања! Проклетата политика, водена од некадарници и неродољуби – нЕ раскара, нЕ запизми, нЕ олоши! Кога замина Ти бевме поделени на „бугараши“ и „србомани“, потоа на вмровци и комуњари, и едните и другите меѓу себе се поделија на Егејци (да не беа тие – името ќе се решело уште 1993 г.) и Власи; Егејците на бегалци и протерани, на заможни и сиромашни, на неписмени и многу писмени; Власите на великограѓани и сточари; Македонците на антички и Словени, а во најново време Македонците се поделија на европејски северџани и небањати националисти. Северџаните се поделија на велеучени интелектуалци и глупави, неписмени сељаци. Небањатите националисти на гласачи и негласачи на избори, на груевисти и контрагруевисти… Децата и ученици на твоите следбеници и пријатели се поделија на: многубројни конформисти и опортунисти кои се согласија „ да сме се викале макар и Земјани, само леб и мир да сме имале“, како и на малубројни гласни негодувачи кои никој не ги есапи за живи, бомбардирани со прашања од првите: „Што ви пречи по цела територија на Македонија, Албанците и Македонците секој да си пишува, да си се школува и да си се суди на својот јазик? Албанците по патните табли ги пишуваат имињата на места само на албански, а ако „требало“ да се разбереме за нешто – на англиски ќе сме се разбирале во единственава наша татковина. Така било најдобро: ни твое ни мое…
Толку засега, Учителу! Малку нешто остана од Твојата и моја Македонија.
До следното писание, до некоја следна Твоја годишнина, ако дотогаш не онемам од тага и не ослепам од солзи…
П.С. Ќе биде лицемерно ако не Ти кажам во сета почит кон Тебе што најмногу Ти забележувам. Не остави стамен маж зад себе, Учителу! Што ќе удри на маса и што без страв и со решителност ќе рече: Доста е веќе! Ова е Македонија! И само овде, и во никоја друга земја во светот, прво ќе се зборува и ќе се пишува на македонски!