Претседателот на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор соопшти дека на американскиот претседател Џозеф Бајден му врачил писмо со кое му нуди азил на основачот на Викиликс Џулијан Асанж и укажа на неговата невиност.
„Испратив писмо до претседателот, во кое му објаснив дека Асанж не извршил никакво сериозно кривично дело, дека не предизвикал ничија смрт, дека не загрозил никакви човекови права, дека ја искористил својата слобода и дека неговото апсење би значело трајно кршење на слободата на изразување“, изјави во понеделникот Лопез Обрадор на прес-конференција, како што пренесе Ројтерс.
Во јуни, Обединетото Кралство ја одобри екстрадицијата на Асанж во САД каде ќе се соочи со кривични пријави поврзани со објавувањето на доверливите американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс.
Лопез Обрадор на почетокот на годинава изјави дека претходно му понудил азил на Асанж во писмото што го испратил до поранешниот американски претседател Доналд Трамп.
Мексиканскиот претседател минатиот месец го нарече Асанж „најдобриот новинар на нашето време“.






