Пирово одбележување на денот на децата жртви на агресија

Првата детска амбасада Меѓаши го одбележува 4 јуни, Меѓународен ден на децата жртви на агресија



“Да потсетиме, меѓународните денови се можност за ретроспектива и согледување до каде сме и што е направено за промена и подобрување на дадена состојба.

На 19 август 1982 година на итната специјална седница на Генералното собрание на Обединетите Нации во врска со прашањето за Палестина и поттикнато од огромниот број на деца од Палестина и Либан – жртви на израелскиот чин на агресија, се донесе одлука 4 јуни да биде прогласен за Меѓународен ден на невините деца-жртви на агресија”, пишува првата детска амбасада Меѓаши од каде поставуваат реторичко прашање: “Каде сме 39 години по донесувањето на оваа одлука?

“Пред нецел месец, во Газа беа убиени најмалку 67 деца под 18 години, две деца беа убиени во Израел. Речиси сите убиени деца беа Палестинци/ки. Сите родени и растени во војна и агресија, сите со име и презиме, полни со живот и различни соништа … згаснаа за 11 дена. Ако го додадеме тука и бројот на деца кои како резултат на сето ова имаат физички и психички последици, состојбата станува уштe повеќе загрижувачка.

Децата се најранливи и најбеспомошни, тие не знаат за меѓународни денови и резолуции но знаат дека сакаат да бидат безбедни и среќни. За нивната среќа и заштита е должни се да се грижат возрасните, кои за жал постојано потфрлуваат, како во овој така и во многу други воени конфликти”, порачува Меѓаши од каде потсетуваат дека е зголемен бројот на извршени насилства врз деца во многу конфликтни зони, а пандемијата донесе и дополнителни проблеми.

“Треба да се направи многу повеќе за да се заштитат 250 милиони деца кои живеат во земји и области погодени од конфликт. Загубата на секој детски живот е трагедија, секое незаштитено дете треба да се згрижи а секое непочитување на детските права, особено кога е загрозен детскиот живот постојано треба да биде во фокусот на сите возрасни, граѓани/ки, донесувачи/ки на одлуки, меѓународната заедница или меѓународни организации. Што правиме?”, прашуваат од првата детска амбасада Меѓаши по повод меѓународниот ден на децата жртви на агресија.