Глобалното движење за заштита на приватноста „Privacy International“ заедно со македонската НВО Метаморфозис бараат владата да обезбеди информации за прислушувањето и веднаш да преземе мерки за заштита на приватноста на граѓаните.
Во дописот во кој се вели дека во последните две години земјата минува низ криза предизвикана од нелегално прислушување, се бара да се преземат мерки со кои што ќе се спречи директен пристап на службите за безбедност до телекомуникациските компании кои што имаат можноста да вршат прислушување.
Според организацијата директниот пристап до системите за следење комуникации мора да се стави под контрола на законот и не смее да се користи без судска дозвола.
Од владата сега се бара веднаш да пристапи кон спроведување на својата програма според која ќе воведе нови механизми за подобрување на внатрешната и надворешната контрола на работата на полицијата и тајната служба како и да се воведе заштита против арбитрарно прислушување.
Дописот е испратен и до претседателот Иванов, канцеларијата на народниот правобранител, комитетот за надзор на службите за безбедност како и до мисијата на ЕУ во Скопје и еврокомесарот Јоханес Хан.




