„Крајно време е ДУИ да замине во опозиција и да одговара за криминалите. Важно е на следните избори да му се даде поддршка за ВМРО-ДПМНЕ да дојде до 61 пратеници, за да се избегнат уцените на ДУИ, како и активно да се поддржат опозициските политички партии од албанскиот блок, кои вистински би се стремеле кон подобрување на општеството.“ – вели Бране Петрушевски, пратеник во Парламентот на Македонија, во својата колумна со наслов „Крајно време е за ДУИ во опозиција, па одговорност“, која ја објави локалниот кумановски информативен портал „Куманово њуз“.
Петрушевски пишува: Во областа на политиката битката меѓу постигнување на идеално општество, од една страна, и неговата ерозија предизвикана од корупцијата, од друга страна, е постојана борба. Секогаш има случаи кога одредени политички партии, преку институциите, кои треба да му служат на јавниот интерес, се заплеткуваат во корупциската мрежа. ДУИ го изгуби својот пат и им подлегна на привлечноста на моќта, богатството и неетичките практики. Преку сериозно испитување на нивните постапки и политики изминатите дваесетина години, станува јасно дека оваа партија ги изневерила самите принципи, за кои тврди дека ги поддржува.
Оваа корумпирана политичка партија неуморно тежнее(ше) кон воспоставување доминација и контрола врз сите власти во државата (законодавна, извршна и судска), еродирајќи ги контролните механизми, кои претставуваат основа на просперитетна демократија. ДУИ е главната партија во власта, а СДС им е само помал коалициски партнер. Си поставија партиски Јавен обвинител за организиран криминал, иако сериозни реакции имаше и одвнатре и однадвор.
Да не ги наведувам судиите или останатите правосудни ешалони, каде што ДУИ има неприкосновена доминација. Правилото на Бадинтер им дава моќ за уцени и раководење на парламентот само за свои партиски интереси. Користејќи измами, притисок врз гласачи и изигрување на законите за финансирање на кампањите, тие настојуваат секогаш вагата да превагне во нивна полза, наместо да стимулираат фер и транспарентни избори.
ДУИ манипулира со изборниот систем, замолчувајќи ги гласовите на оние, кои се осмелуваат да ја оспорат нивната хегемонија и така одржуваат доминација во албанскиот политички кампус во Македонија. Никогаш не дозволиле добра и реална расправа за промена на изборниот модел, бидејќи им оди на штета на нивните пратенички пресметки. Високата корупција е длабоко навлезена во редовите на ДУИ, навлезена во нивните секојдневни практики и политики, без да има потреба за тоа да не известува американската држава. Владеат преку роднинството – непотизмот и партиските вработувања: членовите на партијата се наградуваат со влијателни позиции исклучиво врз основа на лојалност, а никако според компетентност.
Јавните пари наменети за благосостојбата на граѓаните се трошат, за да се полнат џебовите на партиските елити, кои купуваат компании и трговски центри на атрактивни локации по градовите, додека суштинските услуги кон граѓаните се заборавени. Во Куманово ДУИ и по дваесетина години власт не успеа да изгради нормална зграда за гимназијата на албански јазик, туку Албанците учат во подстандардни услови.
Да не зборам за условите во руралните училишта, здравствените услуги или комуналната инфраструктура токму во делови од градот каде претежно живеат Албанци. Нивните себични постапки ја поткопуваат самата цел за постоење на власта и ја изневеруваат довербата што им ја дава електоратот.
Еден од највознемирувачките аспекти на оваа корумпирана политичка партија е нивното бесрамно непочитување на одговорноста. Тие поминуваат неказнето, заштитувајќи се од контрола и избегнувајќи ги последиците за нивните коруптивни постапки. Тие манипулираат со судскиот систем, задушувајќи ги истрагите за нивните криминали, но и штитејќи ги своите сојузници од соочување со правдата. Оваа култура на неказнивост ја урна довербата на јавноста во правдата и правичноста.
Со потклекнување кон корупцијата, ДУИ ги поткопа темелите на демократијата во Република Македонија. Секогаш давајќи им приоритет на личните интереси пред благосостојбата на граѓаните, тие ги уништија демократските вредности, како што се транспарентноста и интегритетот. Оние кои мислат различно се потиснати, а опозициските партии систематски ги ослабуваат, или ги делат преку низа политички маневри.
Постапките на оваа партија се штетни за сегашноста и претставуваат значајна закана и за демократската иднина. Соочени со распространетата корупција, императив е граѓаните да останат будни и да бараат одговорност од политичките партии за своите постапки. Корумпираната ДУИ застрани далеку од демократските принципи, изневерувајќи ја довербата, пред сѐ, на своите поддржувачи, на кои требаше да им служи.
Мораме да ја препознаеме важноста на моментот и на следните избори да се даде поддршка за ВМРО-ДПМНЕ да дојде до 61 пратеници, за да се избегнат уцените на ДУИ, како и активно да се поддржат опозициските политички партии од албанскиот блок, кои вистински би се стремеле кон подобрување на општеството. Крајно време е ДУИ да замине во опозиција, крајно време е за нивна одговорност за криминалите. Само со демаскирање и борба против корупцијата ќе можеме да дојдеме до политички пејзаж, кој вистински ги застапува интересите на луѓето.





