Министерката за одбрана Славјанка Петровска откри дека за изградба на споменик на Карпалак бара дозвола од човек на кој Битиќи во јули му дал проект од 300 илјади евра.
Петровска денеска изјави дека дозволата за изградба на споменикот на убиените припадници на АРМ пред 22 години ја бара од градоначалникот на општина Желино Блерим Сејдиу.
Пред 25 дена вицепремиерот за економија и колега на Петровска од СДСМ во Желино на градоначалникот му предаде проект вреден 300 илјади евра.
Зошто тогаш Битиќи не побарал дозвола за споменик на загинатите на Карпалак од Сејдиу е нејасно.
,,Сите млади, во сите општини заслужуваат свое катче, затоа сум задоволен што и младите во Општина Желино добиваат Младински културен центар“, изјави на 13 јули заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи ја посети Општина Желино каде изврши увид на сработеното во рамките на ТАВ проектот за изградба на Младински културен центар кој е реализиран преку ТАВ програмата, преку која се реализираат инфраструктурни проекти низ сите општини во државата.
„Важно е дека ова се проекти за кои аплицираа самите општини, што значи дека се нивни барања и приоритети кои тие ги воочиле за своите сограѓани. Младинскиот културен центар во Желино според проектот и обврската од Владата е завршен, како што е предвидено во договорот потпишан со Општина Желино, бидејќи градежните работи се завршени според предвидениот буџет вреден околу 300 илјади евра, сè до надворешното фасадирање на објектот“, изјави Битиќи кој очигледно преходно не побарал дозвола за споменик на загинатите припадници на АРМ.






