„Досега новата додавка на државното име, во слеан говорен израз, можевме да ја слушнеме од носители на јавни функции од Бугарија, Грција и Германија, но и од други земји. По заострувањето на односите со Русија придавката ‘северномакедонски’ се одомаќинува и кај високите официјални органи на Москва.“ – вели Митко Јовановски во својата анализа со наслов „Одново ‘северномакедонски’ напад на идентитетот “, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Додавката кон државното име како придавка се одомаќинува во меѓународната заедница“
Јовановски пишува: „Политичарите од повеќе европски земји сѐ повеќе го користат терминот ‘северномакедонски власти’ кога сакаат да испратат пораки што се однесуваат за нашата земја. Досега новата додавка на државното име, во слеан говорен израз, можевме да ја слушнеме од носители на јавни функции од Бугарија, Грција и Германија, но и од други земји, а по заострувањето на односите со Русија, поради војната во Украина, зборот „северномакедонски“ како една небулозна придавка се одомаќинува и кај високите официјални органи на Москва. Ваквата зачестена практика во употребата на новата ‘идентитетска терминологија’ од страна на меѓународните дипломати не наведува(ат) на констатациите и предупредувањата на експертите дека од името на државата произлегува идентитетот…“
„Како да се спречи оваа појава и дали нашите институции треба да реагираат секогаш кога некој ќе го спомене ‘северномакедонскиот’ идентитет, импутирајќи ни го нам, како нација, односно како некој новонастанат и новоименуван етнички супстрат?!“
„За политичкиот аналитичар Синиша Пекевски ова е начин да се почувствува силината на аргументот дека името на нацијата произлегува од името на државата.
„Народите ги именуваат според името на државата: Италијанци од Италија, Корејци од Кореја. За нив е поприфатливо да ги користат придавките што произлегуваат од името на државата с.Македонија и така најчесто нѐ ословуваат со ‘северномакедонска’, ‘северномакедонци’… Ова не е случај само со странските медиуми или граѓани туку и во официјалните настапи на странски државни претставници. Почнавме и самите да ги менуваме називите на институциите, така што ова ќе биде само преоден период, на кој ќе нѐ навикнуваат. Изостануваат соодветни дипломатски реакции до институциите и политичарите што нѐ ословуваат со новата придавка.’ – изјави Пекевски.“
Тодор Петров, претседателот на Светскиот македонски конгрес, беше еден од многуте македонски интелектуалци, што предупредуваа на тоа дека ‘името на државата е идентитетот на народот’. ‘Името на македонскиот народ е нераскинливо поврзано со државното име Македонија и обратно. Промената на државното име трајно го менува идентитетот на нацијата – името, јазикот, културата и историјата. Во меѓународните односи името на националноста по автоматизам произлегува од името на државата. Прашањето за државното име е затворено со референдумот од 8 септември 1991 година, кога Македонците, граѓаните на Македонија, во апсолутно мнозинство гласаа ‘за суверена и самостојна држава Македонија“, без додавки и без придавки.’ – беше ставот на Петров пред одржувањето на референдумот за името и, како што нагласи, „евентуална одлука за промена на државното име од кого и да е, никогаш нема да биде легална и легитимна“.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/odnovo-severnomakedonska-ataka-na-identitetot/





