Петре пуштен на најјако – Пишува Роберт Димитриевски

Од сите јаки идеи што можеа да му паднат на памет на Петрета Шилегов, нему му падна „најјаката“ – со идеолошките неистомисленици да се пресмета на Фејсбук. И богами, Петре наш – голем маж удри јако по „оние другите (десните)“, откако себеси се претстави како левичар до коска, затоа што ги сакал луѓето?!



Од толку што ги сака, градоначалникот на Скопје огромен дел од нив (колку се ќе покажат наредните избори) директно или индиректно ги почести со канонада негативни квалификации. Од неспретни, неискрени, самозаљубени, преку лажговци, „душегрижници“, „со десна се крстат, а со лева крадат“, до „изгубени“, лицемерни и, најјакото што можеше да го смисли, себични простаци!

Му прилега ли ваков речник на човек што ја извршува највисоката локална функција во државата? Може ли некој да замисли вака да се изразува градоначалникот на Лондон, на Берлин, на Париз, на Вашингтон? Не мора толку далеку – еве на Софија, на Тирана, на Приштина нека е.

Кој му дал право на избран функционер што би требало да биде градски татко на сите скопјани, како што за шефот на државата вообичаено се вели дека е претседател на сите граѓани или татко на нацијата, да ги дели (со)граѓаните по идеолошка основа? Судејќи според неговата класификација, нелуѓе се сите што не се левичари до коска, како што тој за себе тврди дека е, и покрај тоа што беше петти најбогат кандидат за градоначалник на последните локални избори. Тогаш до Антикорупциска комисија ќе пријави дека на негово име и на име на сопругата поседува четири стана, куќа, возило, благородни метали, приходи од закупнини, два кредита, уметнички и колекционерски предмети, удели, акции и парични средства!

Според шокантното писание на началникот на „столицата“, себични простаци ќе да се и коалициските партнери на неговата СДСМ, десничарите Љупчо Георгиевски, Љубе Бошкоски и Стојанче Ангелов?! Што да се рече, пак, за најновиот – Билал Касами од Беса, која се декларира како социјално конзервативна. Со неа, покрај по идеолошка линија, социјалдемократов што мисли дека е чешит навредува и на етничка основа, а посредно и на верска.

Уште појако е тоа што Шилегов не е случаен играч на македонската политичка сцена. Станува збор за бивш пратеник, поранешен портпарол на сега владејачката партија, актуелен член на Централниот и на Извршниот одбор, човек од доверба на лидерот и експремиер Зоран Заев. Оттука, се поставува прашањето дали стојат и партијата и нејзиниот претседател зад неговите ментално-вербални акробации, бидејќи, сакал(е) или не, тој ги претставува во јавноста.

Најјака од сè е, сепак, макар и теоретската можност, врз основа на праксата во повеќе земји функцијата прв човек на главниот град да биде отскочна штица за претседателската, па Шилегов еден убав сончев ден (за кого – како) да осамне во фотелјата на Пендаровски!!! Кој знае колкаво количество алкохол е потребно за воопшто да се замисли такво нешто, но, имајќи ја предвид кадровската политика во некогашниот СКМ-ПДП, никогаш не речи никогаш. Впрочем, му се веруваше ли некому пред локалните избори во октомври 2017 година дека токму Петре ќе управува со главен град на членка на НАТО?!