Петмина “суспектни”: Државниот обвинител компромитирал унапредување на обвинители од СЈО

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески не смеел да дозволи на дневен ред на Советот на јавни обвинители да дојдат унапредувањата на лица од поранешното СЈО за кои има основа на сомневање дека по ист основ на 2 пати им се делени бонуси.



Наместо Јовески прво да почека да се заврши истрагата за бонусите на СЈО па потоа да се оди на изборот на новите Виши обвинители – Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми и Обвинителите за орг криминал, Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, тој дозволил пред да биде утврдено дали тие се виновни да добијат унапредување.

Според извори во Обвинителството Љубомир Јовевски од септември 2020 го држи во фиока “класифицираниот извештај на Државниот ревизор” за финансиските аномалии во екс СЈО и не го дава на Вилма Русковска.

Со ова Јовески го потврдува тоа што беше нотирано во годишниот Извештајот на американскиот Стејт департмент каде во делот за судството се вели дека обвинителството не ги почитува роковите за истрага.

Истражните дејствија за бонусите во СЈО започна во ноември 2019 година што значи дека Јовески полека го надминува максималниот рок од 18 месеци колку што според законот треба да траат истрагите на ЈО.

Според добро упатени искусни правници во случајот има простор дури и за кривичен прогон на Љубомир Јовевски поради пречекорување на дискреционите овластувања и неспроведување на законски прописи и запазување на рокови со директно влијание врз исходот на предистрагата која е отворена во ноември 2019 за “бонусите во СЈО”.

Самиот Јовески пред речиси 18 месеци е прилично уверен дека во случајот има сериозни законски прекршувања.

Јовески тогаш без да го прејудицира исходот од истрагата на Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија, која се водеше за надоместоците на обвинителите и тимот во СЈО, рече дека првичните согледувања за овој предмет покажале дека за иста работа, доверливост, двапати се делеле надоместоци во СЈО.

„Законот има изречна одредба дека тие додатоци не може да надминат 35 отсто од платата, трите вида додатоци – за ризик, за доверливост и за услови за работа. Висината на додатокот ја определува раководителот за секој одделно“, рече Јовески.

„Првенствените согледувања покажуваат дека по ист основ двапати се делеле надоместоци. Ако ги гледате апсурдите до каде се донесени во делот на трошењето на државните пари, ќе видите дека секретар има поголема плата од претседателот на државта. Дали е тоа оправдано или логично, проценете. Со ова не ја прејудицирам постапката што Обвинителството ја води“, рече во ноември 2019 година првиот човек на Обвинителството.

Податоците на базата „Отворени финансии“ на Министерството за финансии покажаа дека обвинителите на СЈО добиле приближно еден милион евра надоместоци за изминатите четири години. Освен надоместоците, обвинителите добивале основна плата и плус додатоци од 35 отсто.

Според Законот за платите на јавните обвинители, јавниот обвинител има право на додаток на плата за: посебни услови за работа, постоење висок ризик и доверливост.

Откако Јовески предолго време не го предал ревизорскиот извештај на Русковска може да се истражува под сомнение дека во случајот на незаконска исплата на 4,6 милиони евра за периодот од 2015 до 2019, остварил корист за друг, односно овозможил унапредување на поранешните обвинители во СЈО на кои се уште им се закануваат казни, тврдат луѓе кои со години ги следат состојбите во правосудството но поради страв од одмазда се плашат јавно да проговорат на оваа и други спорни теми.

Доколку досега истрагата беше завршена сите петмина сега унапредени можеби немаше да можат да бидат промовирани на нови позиции доколку добиеа статус на осомничени или обвинети.

Одговорноста за оваа аномалија треба да се бара и кај Советот на обвинители кој се согласил да одлучува за унапредување иако знае дека за петте обвинители од СЈО се уште има отворен случај кој може да го компромитира целиот избор но и целиот систем на Јавното обвинителство, тврдат изворите кои инсистираат на анонимност.

(Г.М.)