Петмина Авганистанци откриени во приколка на македонски камионџија во Германија

Возач на камион од Македонија во саботата наутро доживеал драма со среќен крај со слепи патници во неговото возило на автопат во Германија.



Движејќи се на автопатот А96 во правец кон Линдау, тој во близината на Ландсберг слушнал необични звуци од приколката, па го запрел камионот во затворениот простор на градилиште и заедно со работниците повикале полиција.

Пристигнала патрола на сообраќајната полиција од Фирстенфелдбрук, која веднаш ја отворила запечатената приколка и во неа открила пет мажи.

Според полицијата, станува збор за авганистански државјани, меѓу кои четири малолетни лица, а сите петмина биле добро.

Првичните полициски сознанија велат дека тие требало да влезат во Србија и со тоа да ги преминат границите, а возачот на камионот не знаел за тоа.

Полицијата ги одвела младите луѓе во разни бегалски објекти, откако ги завршила сите истражни мерки.