Петличковски: Не може да се постигне колективен имунитет на коронавирус

Директорот на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски, е воздржан и не сака да прогнозира кога точно би можело да заврши пандемијата.



Сепак тој е убеден дека нема да има силен нов бран на коронавирусот по завршување на летото како што беше случај лани.

Во гостувањето на ТВ Сител, Петличковски објасни дека предвидувањата од пред пред една и пол година биле дека 60 % имунизирани се потребни за стекнување колективен имунитет, но дека сега прагот е кренат до 85 проценти за вирусот да нема каде да се шири.

„Колективен имунитет не е возможен, има појава на нови соеви, а покрај тоа никогаш нема да постигнеме 100 отсто вакцинираност. Дополнително, има луѓе кои не пристапуваат кон втората доза. Затоа, тоа реално нема да се случи“, вели Петличковски.

Тој сепак препорачува вакцинирање: „Сите вакцини гарантираат стопроцентна заштита од смртен исход и тежок тек на болеста…Оние вакцини кои ги имаме треба да ги искористиме бидејќи си ги зголемуваме шансите ако се разболиме тоа лесно да го поминеме“.