Недозволиво беше Владата да го третира проблемот со блокади и неплаќање сметки за струја од страна на жителите од Слупчане, како „однос меѓу приватна компанија и граѓаните како потрошувачи”, заборавајќи при тоа дека токму таа е надлежна да обезбеди услови за непречено функционирање на било која компанија на македонскиот пазар.
И уште повеќе што станува збор за странска, австриска компанија, а Австрија е важна и влијателна членка на ЕУ. Се надевам,нашата влада не мисли дека проблемите на ЕВН на македонскиот пазар треба да ги решава австриската влада, објави на Фејсбук долгогодишниот политичар, основач и поранешен лидер на НСДП, Тито Петковски.
Според него, дистанцирањето на нашата влада од проблемот може да значи лоша препорака за потенцијални нови странски инвестиции.
„Дополнително, со судни маки се обидуваме да ги почнеме преговорите со ЕУ за полноправно членство, а владата отворено признава дека на еден дел од државната територија не функционира правната држава.
Од друга страна, пак, неказнетото анархично и спротивно на законот, однесување на граѓаните од Слупчане им дава за право и на други населени места да го следат нивниот пример.
И конечно, доколку се точни информациите дека трошоците за раскошното осветлување на грандиозниот споменик на УЧК во истото село никој не ги плаќа, некој ќе треба да сноси одговорност“, објави Петковски на Фејсбук.








