Петков потрошил 9.000 евра за вечера со Ковачевски!

Поранешниот бугарски премиер Кирил Петков потрошил 18.002,70 лева за официјална вечера со колегата од Македонија, Димитар Ковачевски, при неговата посета на Софија на 24 јануари годинава!



Тоа го покажува извештајот на Дирекцијата „Административни и правни услуги и управување со имот“ на Советот на министри на Бугарија, предвиден според Законот за пристап до информации од јавен карактер и цитиран во „Епицентар.бг“.

Многу „поскромни“ биле официјалниот ручек во чест на сојузниот канцелар на Германија – 3.603 лева и вечерата дадена на премиерот на Холандија – 3.660 лева.

Одделно, за четири работни ручеци во резиденцијата „Бојана“, премиерот од партијата Продолжуваме со промената потрошил уште 10.879 лева.

Според информациите, Кирил Петков во седумте месеци од своето присуство на чело на извршната власт не покажал никаква лична штедливост во однос на државните пари. На сметката на премиерот само за консумирање кафе, минерална вода, бонбони и овошје, влегла сума од 26.116,96 лева.

Од управата на Министерството за култура велат дека Петков инсистирал секое утро да му се носи свежо овошје, во чија свежина први убедувале членовите на неговиот најтесен круг. А од извештајот, токму тоа остава впечаток – дека Петков и неговата лична придружба во Советот на министри расипнички трошеле државни пари за малини – 4531 лева и за боровинки – 3229 лева, кои нужно биле од органско потекло.

Одделно, на трошок на бугарските даночни обврзници во канцеларијата редовно се доставувале јаболка, круши, кајсии, сливи, лимони и грејпфрути за стотици лева. Бонбоните се „Линд“ и „Фере Руше“ – без ограничување на количината.

На сметка на даночните обврзници е и минералната вода на премиерот – 2.006 лева се платени за „Боржоми“, 2.843 лева за „Сан Пелегрино“ и 9.259 лева за флаширана вода во стаклени шишиња од 0,330 гр.

Засебно е веганското мени кое се снабдуваше од комплексот „Бојана“ или од надворешни угостителски компании.

Нема официјална референца за пиците кои доцна навечер биле доставувани до премиерот. Освен снимките од камерите во Министерскиот совет и реонот, кои Националната служба за безбедност ги доставила до обвинителството.