Петков: Да решиме кој е нашиот интерес – Македонија во или надвор од ЕУ

Треба да се запрашаме кој всушност има интерес Македонија да остане надвор од Европската Унија – Бугарија или Русија? Дилемата ја поставува шефот на бугарската влада во интервју за “24 часа”, откако претходно обелодени дека руски шпиони во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија.



Петков не одговори дали средбата во Софија на лидерите од земјите од југоисточна Европа е најава за повлекување на ветото, но подвлекува – јасно е кој посакува нестабилен Западен Балкан.

“Беше интересно што овие агенти во Државната агенција за безбедност, кои беа откриени како шпиони, работеа против нашето добрососедство со Северна Македонија и Западен Балкан. Тука сите треба да размислиме зошто руската држава инвестирала во својата шпионска мрежа за да се случи ова”, вели Петков.

Бугарската владејачка коалиција се состои од четири партии од кои две имаат исклучително тврд став за македонското прашање. Доведено ли е во опасност опстојувањето на владата, беше прашан Петков.

“Треба да размислиме кој е долгорочниот интерес на Бугарија – Република Северна Македонија да биде дел од Европската Унија, или да остане исклучена земја? Kако и тоа, дали во интерес на Бугарија е да имаме стабилен Западен Балкан или не. Според мене, тоа се важни прашања и треба да се решат и да размислиме, посебно кога има јасна тенденција дека некој работи против тоа. Дали навистина е во интерес на Бугарија, Република Северна Македонија да се оддалечи од членството, што е интерес на Русија, на пример, која не сака да го види цел Балкан е стабилен и во Европа“, истакнува Петков.