Набавката на американски ловци Ф-16 е цената што Бугарија ја плати за посетата на премиерот Бојко Борисов на Белата куќа, изјави лидерот на бугарската партија АБВ, Румен Петков.
„Слабо се подготвивме за состанокот: да им дадевме уште две милијарди, тие (Борисов и Трамп) ќе се бакнеа и в уста. Сфаќате дека е навредливо и грдо да платите две милијарди лева за авиони што треба да ги чекате? Цел свет ни се смее.
Плаќаме авиони што ќе бидат произведени во фабрика што сè уште не постои“, изјави Петков за „Телевизија Европа“.
Тој смета дека САД се стратешки партнер на Бугарија и земјите мора да имаат добри односи со нив, но не на штета на Бугарија. Софија исто така не треба да избира меѓу односите со САД и со Русија, рече тој.
„Ако тежнееме кон тоа некој да нè тапка по рамото, а притоа некој друг да нè гледа лошо, тоа е криминално однесување. Бугарија беше членка на Варшавскиот пакт, но тоа никогаш не влијаеше на нејзините односи со Сојузна Република Германија или со Велика Британија“, вели Петков.
Во август бугарското Министерство за одбрана целосно исплати осум авиона. Нивната вредност е речиси 1,26 милијарди долари, а ќе бидат испорачани кон крајот на 2023 и 2024 година.




