Петир на изборите во Хрватска ќе оди со ХДЗ, но како независна кандидатка

Пријателката на Македонија и поранешна европратеничка Маријана Петир на претстојните парламентарни избори во Хрватска ќе учествува како независна кандидатка на листата на Хрватската демократска заедница (ХДЗ).



„Не сакам да придонесам за растурање на гласовите од центарот кон десно и на тој начин да ѝ помогнам на левата коалиција да добие можност да состави влада. На сите им е јасно дека Хрватска нема време за експерименти. Доаѓањето на левицата на власт и нивното влегување во колосек сигурно не би било добивка за Хрватска“, објасни основачката и поранешна шефица на Групата пријатели на Македонија во Европскиот парламент, која во два мандата беше и пратеничка во хрватскиот Сабор.

Петир имаше понуда од ХДЗ да биде на нејзината листа и на ланските европски избори, но не го прифати условот да се зачлени во партијата, настапи самостојно и за малку не успеа да освои нов мандат во Парламентот на Европската унија.