Хрватската пратеничка Маријана Петир реагира со резигнација за обидите за составување влада во Македонија врз основа на условот на ДУИ за прв премиер Албанец.
„Кога го читам ова тажна сум и се прашувам: ќе му изгрее ли сонце некогаш на македонскиот народ или и понатаму политичарите што би требало да работат во името на народот ќе продолжат да работат против тој ист народ?! Ќе заврши ли одземањето на достоинството на народот на кој веќе речиси сè друго му е одземено?“, прашува поранешната европратеничка, основачка и прва шефица на Групата пријатели на Македонија во Европскиот парламент, коментирајќи ја колумната на македонскиот новинар Цветин Чилиманов за хрватскиот портал „Отворено“ со наслов „Остатоците на нацистичката пракса за броење на крвните зрнца сè уште се живи на Балканот“.





