Хрватската пријателка на Македонија и поранешна европратеничка Маријана Петир се придружи на повиците од јавни личности во Хрватска до Владата во Скопје за разрешување на директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, поради навредите врз нејзината земја.



„Хрватска и Македонија се пријателски земји, а нашите два народа се блиско поврзани, па единствено правилно би било Спасовски и Владата на Македонија да се оградат од Горјан Тозија поради навредите нанесени на Хрватите и да му се заблагодарат за соработката“, порача Петир на Твитер.

Тозија ги разбранува духовите во Хрватска преку коментари на социјалните мрежи.

„Во последните неколку дена нѐ контактираа неколку Македонци кои живеат во Хрватска, згрозени од антихрватската кампања која по социјалните мрежи и во медиумите ја води некој Македонец Горјан Тозија. Тој со месеци пишува по социјалните мрежи дека ‘Хрватска ја водат фашисти’, дека ‘ХДЗ е фашистичка партија’, дека ‘хрватската влада е фашистичка’, дека ‘Пленковиќ е во пакт со Орбан и заедно ја задушуваат слободата во Европа, па затоа ЕУ ги удри по носот’“, пишува порталот „ХРсвијет.нет“. 

Се огласи и ВМРО-ДПМНЕ со констатација дека станува збор за дипломатски скандал.

„Досега од ставовите на овој владин функционер не се огради никој од државниот врв на Македонија, со што се поставува прашањето дали изјавите на Тозија се идентични со ставот и на нашата власт?“, прашуваат од најголемата опозициска партија. „Ова наведува не само на несмасност во работењето на власта, туку и доведува до сомневање какви пораки испраќа оваа власт имајќи ги предвид, прво нивниот молк кон директните соседи, кон кои се поставува поданички и го брише историското минато, а потоа наметнува проблематизација со традиционалните пријатели на Македонија со кои таа нема отворени прашања“.