Асоцијацијата за згрижување и вдомување на животни „Бездомни животни без граници“ покрена граѓанска иницијатива за да се дозволи во јавниот транспорт да се возат и домашни миленичиња.
Од асоцијацијата велат дека имало неколку непријатни настани каде граѓани биле бркани од градски автобуси бидејќи со себе во транспортери носеле милениче одејќи кон ветеринар, велат од Асоцијацијата.
Оттаму информираат дека според Одлуката за линиски превоз на патници на градот Скопје, возачите и контролорите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) имаат право да не дозволат животни во возилата на ЈСП.
„Сметаме дека ниту еден граѓанин не смее да е изложен на такви ситуации, кога го користи јавниот транспорт. Сметаме дека слободата на движење не смее биде ограничена за граѓаните со миленици, во услови кога истите не загрозуваат ничија безбедност“ велат оттаму.
Користејќи ја платформата „МојГрад“, здружението досега има остварено контакт со Советот на Град Скопје за започнување на оваа петиција, но за да дојде на разгледување треба да ја потпишат 10 отсто од гласачите на последните локални избори, што според бројките е 46.000 лица.






