Во вчерашниот напад од глутница кучиња скитници настрада петгодишно дете кое, благодарение на роднини, било спасено но заврши со тешки повреди.



Детето прво било пренесено во болница во Тетово, но поради сериозноста на повредите, и бидејќи во Клиничката болница во Тетово, наводно, немало серум против беснило, било донесено во Скопје.

„Дедото на детето пријави случај во полиција вчера во 13 часот и 40 минути, дека неговиот внук бил каснат од кучиња скитници, кои се вртеле во близина на угостителски објект во Мала Речица. Детето притоа се здобило со сериозни повреди и е пренесено во болница“, изјавил за Нова ТВ Марјан Јосифоски, портпарол во СВР Тетово.

Детето си играло пред дворот кој се наоѓа во близина на угостителски објект, кога било нападнато и искасано од кучиња, раскажуваат роднини кои успеале да го спасат детето од глутницата. .

Но, кога детето било однесено во болница, кажано им било дека немаат вакцини против беснило, поради што семејството било приморано да го однесе во Скопје.

По случајот реагираше Алијансата на Албанците:

„Градот Тетово, не само што не е безбеден за живеење, нема ниту ефикасно здраство за да помогне. Нема безбедни училишта, исто така од неодамна сме сведоци дека во опасност се и куќите, дворовите и населбите. И после сето ова, ние не можеме да бараме одговорност од тие што нѐ поднесоа одговорност ниту за 14-те изгубени животи“, велат од Алијанса за Албанците.