ДУИ денеска изрази жалење што од раководството на партијата „сами се отстраниле пет члена“, на вчерашната седница на Централното претседателство.



На состанокот во седиштето во Мала Речица наводно се повлекле членовите на таканаречената „огнена група“.

„Централното претседателство на ДУИ изразува длабоко жалење за одлуката на петтемина членови на претседателството на партијата за самоотстранување од Централното претседателство на ДУИ, одлука што ја донеле на состанокот на Централниот комитет на 1 април годинава“, се вели во соопштението од Мала Речица.

Но, неформалниот лидер на „огнените“, Изет Меџити, завчера во интервју за Лајм изјави дека станува збор за таен состанок на ДУИ на кој била донесена одлука за нивно отстранување од партијата, потсетува МКД.Мк.

Меџити денеска во објава на Фејсбук појаснува дека на состанок на Централното претседателство на партијата далеку од медиумите, не биле поканети тој, Блерим Беџети, Невзат Бејта, Муса Џафери и Висар Ганиу.