Бугарски „Капитал“ во својата опширна анализа насловена „Македонскиот влог на Бугарија“ заклучува дека шансите на Македонија во јуни да ѝ биде одобрен почеток на преговори со Европска унија се мали.
„И покрај тоа што Европска комисија неделава им препорача на земјите-членки да одобрат почеток на преговори со Македонија и со Албанија, изгледите тоа да се случи до крајот на јуни се мали. Причината е спротивставувањето на Грција на името на Македонија. Атина еднаш веќе го сопре Скопје во 2009 година да влезе во НАТО и да го почне процесот на присоединување кон ЕУ“, пишува „Капитал“.
„Тоа не е единствениот проблем за кандидатките за членство. Во моментов одвај 47 проценти од анкетираните граѓани на ЕУ го поддржуваат нејзиното проширување. Во постарите членки поддршката е доста пониска, при што одвај 28 отсто од Германците би сакале да видат нови земји во Унијата. Последното го става под притисок бугарското претседателство, кое се надева средбата на врвот во Софија на 17 мај за Западен Балкан да испрати силна порака кон шесте земји од регионот, наместо да се заглави во спорови може ли Косово да се смета за кандидат за ЕУ или, пак, дали ветувањата за засилена финансиска поддршка нема да се покажат проблем при претстојните преговори за повеќегодишниот буџет на ЕУ. Повеќето европски политичари сакаат да ги гарнираат своите ветувања за повеќе помош со истакнување на барањата кои шесте земји мора да ги исполнат. Тоа не навестува заедничка декларација, која би била дочекана со ентузијазам во Западен Балкан“, додава весникот.
Песимизмот во статијата го поткрепува и Јоанис Армаколас, професор на Универзитет „Македонија“ во Солун.
„Се сомневам дека двете страни ќе постигнат целосен компромис до почетокот на летото. По последната средба на двајцата министри за надворешни работи во Охрид веќе го нема претходниот ентузијазам“, констатира Армаколас, според кој без целосен договор што ќе го опфати и очекуваниот референдум во Македонија за новото име, Грција ќе продолжи да го блокира Скопје.
„Капитал“ наведува две излезни опции: едната е Македонија да добие покана за преговори за членство уште во јуни, но тие да почнат само кога ќе се реши спорот со Грција, а втората подразбира Грција да не стави вето и да дозволи водење преговори додека проблемите се решат.
„Спорот со името може да биде оставен за крај“, смета Весела Чернева, директор на Европски совет за надворешна политика – Софија. „Таков преседан веќе има со Србија, чиј спор со Косово беше оставен за решавање во последното, 35. поглавје од преговорите“.





