Делегации од Еврејската заедница, претставници на Владата на Република Македонија, дипломатскиот кор, невладиниот сектор, пријатели на заедницата и граѓани денеска положија цвеќе пред споменикот на 7 144 македонски Евреи по повод 79 години од нивната депортација.
Претседателот на Еврејска заедница, Пепо Леви, истакна дека загубата на 7 144 Евреи во Треблинка никогаш нема да биде заборавена, како најгрозоморниот чин што се случил на овие простори. Тој сподели дека често се прашува дали ја научивме лекцијата.
– Дали денеска, кога сме сведоци на секојдневните локални војни во целиот свет, а пред нешто повеќе од десетина години и на овие наши балкански простори, кога илјадници луѓе ги загубија своите животи, кога и ден денес луѓето се жртви на безумните војни, кога сме сведоци на стотици илјади расеани лица од завојуваните подрачја дали извлековме поука, дали имаме сила да ги сопреме страдањата на милиони луѓе во целиот свет, праша Леви.
Дополни дека треба уште многу поинтензивно да се работи на заедништво и соживот.
– Едукацијата на младите е есенцијална, наставните програми и планови треба да бидат многу побогати на оваа тема, а очигледно е дека во Македонија треба да се збогати бројот на часовите во изучувањето на холокаустот и антисемитизмот, посочи Леви и порача да живееме во мир и слога, без војна и омраза, бидејќи, како што наведе „на тоа не обврзуваат милионските жртви од Втората светска војна”.
Амбасадорката на Израел, Симона Франкел, рече дека потомците на еврејските заедници кои живеат во Израел до ден-денес продолжуваат да го чуваат споменот на своите претци и одржувајќи ја нивната врска со Македонија, тие го обезбедуваат наследството на оние кои повеќе не се меѓу нас. Таа дополни дека стоејќи тука денеска не може да ја игнорира трагедијата на милиони бегалци од војната во Украина.
– Стоиме заедно со нив, со другите земји од Европа, помагајќи им преку хуманитарна помош. Не можеме да занемариме колку поинаква би била судбината на Евреите ако државата Израел тогаш постоеше. Евреите за време на Втората светска војна го криеле својот идентитет во страв да не бидат испратени во концентрационен логор, денеска тие гордо го споделуваат својот идентитет, рече Франкел.
Таа посочи дека мора да се осигураме дека учиме не само што се случило, туку зошто се случило и како се случило.
Евреите од Битола, Штип и Скопје, ноќта меѓу 10 и 11 март 1943 година биле собрани во скопскиот Монопол и од таму во три наврати депортирани во логорот Треблинка во окупирана Полска. За само 14 месеци, од август 1942 до септември 1943 во Треблинка биле убиени 925 илјади луѓе, меѓу кои биле и 7 144-те македонски Евреи.





