На 77.годишниот пензионер кој со група пензионери вчера патувал за протестот во Скопје, налета возило со романски регистарски таблички управувано од романски државјанин, информираше СВР Велес.
На автопатот Велес–Скопје, кај зимскиот пункт Македонија, патничко возило „фолксваген голф“ со романски национални ознаки, управувано од Д.С.Ц.(41) од Романија, удрило во пешакот Д.С.(77) од Неготино. Од здобиените повреди пешакот Д.С. починал на местото, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа од СВР Велес, соопштија од СВР Велес.
Пензионерот од Неготино загинал кога пензионери застанале на пауза одејќи на протест во главниот град.
Оваа информација ја потврди за МИА, Ката Апостолова, од иницијативниот одбoр на неготински пензионери.
„За жал, точно е, да. Одејќи кон Скопје, дел од нас побара пауза за тоалет. Застанавме на голем паркинг пред Катланово. Како беше, што беше, изгледа по грешка, мало невнимание, наместо како сите десно, тој тргнал лево и беше согазен од возило на автопатот. Дојдоа брза помош, полиција, обвинител, на лице место беше констатирана смрт…“







