Пензионерите извисени: Бараат линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите

Пензионерите од Прилеп излегоа го кренаа гласот и излегоа на улица, бараат линеарно зголемување на пензиите по 3.500 денари, а не процентуално. Велат дека најавеното зголемување од 6,8 проценти е недостоинствено и поради тоа се чувствуваат како граѓани од трет ред. Во Прилепскиот Регион има околу 14.000 пензионери, од кои повеќе од половина се со ниски пензии под 15.000 денари.



Не сакаме да преживуваме, сакаме да живееме! Нека пробаат функционерите да живеат месечно со примање од 13.000 денари, па нека кажат дали можат. Со овие пораки револтираните прилепски пензионери одржаа мирен протест поради покачувањето на пензиите за само 6 отсто.

Пензионерите велат дека не може да има процентуално зголемување на пензиите кога трошоците на живот се пресметуваат исто за сите и цените на производите се исто за сите. Крајно се револтирани од огромното зголемување на платите на функционерите.

Велат дека незадоволството не е само во Прилеп туку во цела Македонија, поради зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто, наспроти најавеното зголемување на пензиите за 6 отсто. Бараат линеарно зголемување, во спротивно се закануваат со секојдневни протести, не исклучувајќи ја можноста тие да бидат и радикализирани, бидејќи, како што велат, сега се на работ од егзистенцијата. Реагираат дека ако досега преживувале, сега не можат ниту да преживеат.

И другите пензионери нагласуваат дека не сакаат да преживуваат, туку да живеат. Велат дека трошоците за живот за сите се исти, а некој добива повеќе, друг помалку. Со најавеното зголемување на пензиите за 6,8 проценти, пензионерите со ниски примања ќе добијат по околу 700 денари, а оние со високи преку 2.000 денари.