Пензионери од цела држава на протест во Скопје побараа поголеми пензии и линеарното зголемување на примањата

Пензионери од цела држава денеска одржаа протест во Скопје, кој започна пред Американската амбасада и заврши пред Владата, барајќи повторно линеарно зголемување на изност на пензите и други мерки за подобрување на нивниот стандард. Тие велат дека после три месеци протестирање по сите градови во државата, како и во Скопје, не добиле никакви резултати и известувања од Владата.



Не бараме преку леб погача, туку бараме достоинствени примања во време на скапотија. Пензионери од цела Македонија денеска се собрани на масовен протест во главниот град. Протестот започна пред Амбасадата на САД во Скопје, а потоа продолжи пред Владата. Главните барања на пензионерите се линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, минимална пензија од 20.000 денари и промена на методологијата за покачување на пензиите.

Пензионерите се разочарани оти власта останува глува на нивните барања за раст на пензиите, но и достоинствен живот на највозрасните граѓани во земјава. Пензионерите на протестот со транспаренти велат дека штом има пари за зголемување на функционерските плати за 78%, тогаш има пари и да се исполнат нивните барања.

Претставници на пензионерите, имале средба и со Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој останал зачуден, затоа што прв пат гледа штрајк на пензионери. Во септември, со редовното усогласување, пензионерите добија зголемување од 5,3%, а минималната пензија во моментов изнесува 13.200 денари.

Пензионерските протести ќе продолжат и во иднина и ако бидат игнорирани ќе стануваат се порадикални, со повеќечасовни блокади на секаде низ земјава.