Пензиите во опасност, расте дупката во ПИОМ

Додека јавноста е преокупирана со името и референдумот пензионерите имаат се поголема причина за загриженост.



Иако 240 милиони евра од буџетот се префрлени во ПИОМ за половина година, дупката во државниот пензиски фонд се зголемила за нови 7, 6 милиони евра.

Овие податоци на Министерството за финансии кои ги објавува 24 Вести покажуваат дека проблемот со дефицитот на ПИОМ продолжува и оваа година иако Владата се обврза дека ќе го стабилизира пензискиот систем.

Според пресметките на Министерството, државниот Фонд од придонеси собрал нешто помалку од 300 милиони евра, а за исплата на пензии биле потрошени 435.

Еве како според телевизијата ПИОМ ги трошел другите пари-

-трансферите до приватните пензиски фондови изнесуваат 54 милиони евра.

-за здравствено осигурување на пензионерите се потрошени 58 милиони евра.

– а за плати и трошоци во ПИОМ за шест месеци биле исплатени 3,6 милиони евра.

Реформата на пензискиот систем, што првично беше најавена во март годинава, заглави кај институциите. Од Министерството за труд тврдат дека се прават анализи.

„Она што можеме да го кажеме е дека се работи на пакет мерки за стабилизирање на Фондот, но без да има покачување на старосната граница. Нема повеќе доцнења во трансферот на средствата од државниот пензиски фонд кон приватните, како претходните години, а обезбедени се средства за усогласување на пензиите согласно трошоците за живот за годинава.“

Светска банка со години ја предупредува Македонија да обезбеди одржливост на пензискиот систем.

Извор 24 вести