Претседателот Стево Пендаровски оценува дека оптимизмот на Владата дека уставните измени се можни, бил нереален, и покрај цврстиот став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласа за нив.
Ова прашање, ќе остане и по изборите на дневен ред на идната Влада и на идното Собрание, вели шефот на државата во интервјуто за „Слободен печат“.
Запрашан дали реално, можеше Македонија да добие подобра преговарачка рамка, Пендаровски со одговор:
„За себе кажувам дека бев реалистичен кога реков дека тоа е компромис што подразбира отстапки од двете страни, меѓутоа нашите не се на штета на македонските национални интереси.
Преговарачката рамка можеше да биде подобра сигурно, ако Бугарија не одеше со радикална националистичка реторика кон нас во период од три години, од 2019 година натаму. Многумина и странци и во Бугарија беа запрепастени од пресвртот од 180 степени што го направи владата на Борисов.
Кога имате од таа страна луѓе што зборуваат со јазикот на 19 век и бараат од вас нешто што е нечуено во кое било пристапување на која било држава претходно во ЕУ од 1957 до денес, јасно е дека треба да направите сѐ да го сведете тој дијалог, во тој момент само монолог од Бугарија и диктат, во разумни рамки. Ние тоа успеавме да го направиме со помош на Европа, бидејќи таму малкумина ги разбираат тие радикални националистички бугарски елементи. И на крај дојдовме само до тоа Бугарите да ги ставиме во Уставот.
Можеше и тоа да не биде ако во Бугарија имаше европски политичари, кои наместо да ја заоструваат реториката со македонскиот народ и со нас како држава, требаше да пружат рака и да покажат европско однесување. За жал, дел од тогашните политичари зборуваа со санстефанскиот јазик.
За критиките од опозицијата дека ако биле консултирани, ќе помогнеле за подобра рамка и дека и понатаму тоа е изводливо, Пендаровски вели:
„Да убедуваш 26 земји и Бугарија за репреговарање на преговарачката рамка е сизифовска работа.
Им посакувам многу успех ако бидат во ситуација да ја направат подобра преговарачката рамка. Но највисоките европски функционери велат дека такво нешто е невозможно“.





