Пендаровски со честитка: „За многу години Илинден“

Денеска, 2 Август- Денот на Републиката – Илинден, што годинава се чествува под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, претседателот Стево Пендаровски ќе се обрати во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.



Пендаровски, исто така ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински, во 12 часот, а ќе биде пречекан од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и ќе остварат билатерална средба, по што се предвидени изјави за медиумите.

Шефот на државата на Твитер сподели порака:

„За многу години Илинден!“.

Денеска – се вели во честитката од претседателот – на нашиот најсветол празник Илинден се потсетуваме на генерациите кои се изборија за двете наши републики – Крушевската во 1903-та и АСНОМ-ската во 1944-та година. Водени од прогресивни идеи за политичка слобода и социјална правда, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена.

Младите први се кренаа во борба против фашизмот и станаа најборбеното јадро на народноослободителната војска. Самиот АСНОМ, пред сè, беше заседание на младите. Ние денес имаме слободна македонска држава, благодарение на младите од илинденската и од антифашистичката генерација, се вели во честитката на претседателот Стево Пендаровски по повод Илинден.

Тешко е да се стекне слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество.

„Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Затоа, да се сплотиме за иднината на младите и сите заедно да градиме европска, а не емигрантска македонска држава. За многу години Илинден“, наведува Пендаровски во честитката за Илинден.