Пендаровски сака да му ја намалат платата

Прашан да го коментира покачувањето на платите на носителите на функции за 78 % , претседателот Стево Пендаровски истакна дека тој е првиот државен функционер кој прв побара корекција на покачувањето на платите и намалување на коефициентот.



Во вечерашното интервју за „Клик плус“ на ТВ 21, Пендаровски потенцираше дека час поскоро е потребно Владата да предложи законско решение со кое ќе се изврши намалување на висината на платите на функционерите.

„Јас реагирав веднаш после одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите. Јас не кажав дека одлуките на Уставниот суд не треба да се почитуваат. Станува збор за енормно зголемување, и знаеме во каква ситуација сме од војната во Украина, инфлација…, вели Пендаровски.

Тој вели дека политичарите не живеат лошо во државава.

„Побарав да се направи нешто да се сменат коефициентите по кои земаме плата, и да се нивелираат платите на ниво на држава, затоа што е недозволено директор на некое ЈП да зема 2-3 пати поголема плата од претседател или премиер. На Уставниот суд одлуката е во март, шест месеци чекаме Владата да предложи закон за намалување на платите, и не знам зошто се чека и да го усвоиме час поскоро. И да не чекаме реакции по повод одлуката на Уставниот суд. И власта и опозицијата си премолчеа“, вели Пендаровски.

Тој истакна дека е потребно и опозицијата да поддржи решение за намалување на функционерските плати.