Има нова енергија и нова методологија, но решението на спорот е се уште далеку. Вака претседателот на државата Стево Пендаровски ја оцени новата фаза од односите меѓу Скопје и Софија.
„Имаме и нова методологија во преговорите на работните групи, односно комисии, наместо претходните лисабонски предлози. Меѓутоа морам кристално јасно да кажам, станува збор за почеток. Станува збор само за иницијална фаза во која двете страни искажуваат добри желби како би сакале тој процес понатаму да се одвива. Значи ние сме далеку од подлабоко навлегување во процесот и се уште далеку од, евентуално, позитивно завршување на тој процес“, рече Пендаровски.
Пендаровски како свој придонес кон новиот позитивниот импулс меѓу двете земји најави дека за не повеќе од еден месец ќе ја посети Бугарија.
Пендаровски кој денеска се обрати на тркалезна маса организирана од Советот на амбасадори, во контекст на евроинтеграциите на земјава рече дека долгото чекање пред вратата на Унијата се повеќе ја намалува поддршката кај граѓаните за тоа. Имиџот на Унијата во Македонија и во регионот е многу разнишан, вели Пендаровски, но со став дека тоа може да се поправи со брза имплементација на економскиот план за обнова не регионот од страна на Унијата.
Во делот на економскотот јакнење на регионот, ви-за-ви Унијата, Пендаровски смета дека економската не смее да се оддели од политичката интеграција во Европската унија.





