Што ли го натера претседателот Стево Пендаровски само за една седмица радикално да си го смени ставот за спорот со Бугарија, па, откако оцени дека за неговото решавање е долг периодот од шест месеци што го наведе новиот бугарски премиер Кирил Петков, сега бара да не се брза?



„Се разбира, не го поддржувам временскиот рок, кој беше најавен, од шест месеци. Мислам дека проблемот помеѓу нас може да се реши за многу покус временски период“, рече Пендаровски за време на посетата на Приштина на 15 декември, за седум дена подоцна на годишното обраќање во македонското Собрание да излезе со дијаметрално спротивна позиција.

„Од почетокот на бугарската блокада до денес се залагам за внимателен и обмислен пристап во преговорите, без нагли пресврти, затоа што се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес, а кога сте соочени со предизвик од таков калибар, брзањето не ви е секогаш најдобриот сојузник“, ќе порача тој од парламентарната говорница.