„Со Саломе Зурабишвили положивме цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во ‘Св. Спас’ во Скопје“.
Оваа објава на социјалните мрежи од Стево Пендаровски за миг од претседателот стори пишман аџија. Со појавувањето на гробот на Гоце Делчев шест дена по 118-годишнината од неговата погибија, тој се обиде барем малку да го намали катастрофалниот впечаток од својот срамен чин на 4 мај. Тогаш „не најде време“ за апостолот на македонската револуционерна борба, кој остави аманет да биде погребан во главниот град на независна Македонија, чиј „државен глава“ веќе втора година е – Пендаровски. И тоа токму кога за великанот имаше време на претек и му оддаде почит бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов…
Формулацијата „македонскиот револуционер“, пак, значително отскокнува од описот на војводата од Пендаровски во телевизиско интервју: „Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава“. Ова забележливо ретерирање на шефот на државата доаѓа само неколку дена по идентификувањето на идеологот на Македонската револуционерна организација од премиерот на Бугарија во оставка Бојко Борисов како „бугарски револуционер и македонски војвода“.
Ја растурил ли „калимерата“ Пендаровски со човекот со кој се чувствува толку близок за да му се обраќа со „Љубави“, па сега му контрира? Или, едноставно, му враќа на премиерот Зоран Заев дел од долгот за поддршката при изборот за претседател со тоа што глуми новопечен патриот како него? И покрај тоа што и на двајцата сетики им е јасно дека изгледаат гротескно со удирањето в гради со пораките од типот „не за старт на преговори со ЕУ по цена на македонскиот идентитет и јазик“. Откако и обајцата здушно се потрудија за промена на името на државата со која се идентификуваат Македонците, а во која несреќиве извршуваат (нај)високи функции.
Каков-таков патриотизам шефот на државата ќе покажеше ако, како што е и редот, ја предводеше државната делегација на гробот на најголемиот син на Македонија. Па и по цена да се истрпи по некој заслужен свиреж или невкусно довикување. Ова сега испаѓа задоцнето признавање на грешката, освен ако со Заев биле договорени да не му се поклонат на Гоце тогаш кога според сите „правила и прописи“ на државничко однесување требаа и мораа, со тоа испраќајќи му некаков само ним разбирлив ишарет на источниот сосед.
Што и да е во заднината на ненадејниот лупинг на претседателот, нека е на арно. И Господ да им е на помош на Македонците.
Кога Стево и Зоќето невешто се претставуваат како заштитници на државните и национални интереси, излегува токму обратното. Примерот со лагата дека нема да се менува Уставот заради промена на уставното име Република Македонија е доволна опомена за будност.





