Претседателот Стево Пендаровски одговори на демаршот од Софија која е незадоволна од неговата средба со Македонците во Бугарија.
Тој смета дека ниту една негова постапка, ниту досега била, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.
Меѓу тие постапки е и средбата со здруженија на граѓани од Република Бугарија, велат од Кабинетот на претседателот во коментар за соопштението од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
,,Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот и целосна имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка”, нагласуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Предходно бугарското МНР во соопштение, објавено попладнево, изрази загриженост „за последните случувања во Република Македонија, поврзани со постапки на функционери кои изнесуваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија”.






