Пендаровски објави дека разговарале, Рама ја премолче комуникацијата

Претседателот Стево Пендаровски вчеравечер објави дека разговарал со премиерот на Албанија без да открива што конкретно му рекол Рама.



Разговорот се случил откако Пендаровски од ЕУ побарал Македонија да биде одделена од Албанија на патот кон ЕУ а Рама јавно му забележа за тоа.

“Во текот на вчерашниот ден имавме комуникација со премиерот на Албанија @ediramaal. Нашите соседи се важни, интегративниот пат на Албанија кон ЕУ е исто толку важен како и нашиот, бидејќи се взаемно испреплетени”, напиша Пендаровски.

Пендаровски вели дека дискусијата со Еди Рама била во насока на интересите на граѓаните и на Македонија и Албанија, двете земји да добијат датум за отпочнување преговори за членство во ЕУ.

“Ова е важно за нашите интереси, а еднакво важно е и за целиот регион” оценува Пендаровски.

Еди Рама не објави никаква информација за разговорот што се случил во саботата.

Освен тоа што Рама го премолче разговорот невообичаено е директна комуникација да се одвива меѓу шеф на држава и премиер. Дипломатскиот протокол налага освен во крајна нужда Пендаровски со шеф на влада на туѓа држава да комуницира преку МНР или преку владата на државата која ја претставува.