Шефот на државата е реалист дека измени на Уставот ќе се случат до ноември, и оценува дека ако не се случат дотогаш, нема опасност од дестабилизација на државата, но дека е можно драстично демократско уназадување и економско стагнирање.



На прашањето какви би биле реперкусиите ако до крајот на ноември не се остварат уставни измени, шефот на држава, Стево Пендаровски, вели дека изјавите дека би можеле да останеме во последната група или подгрупа од Западниот Балкан за интегрирање не е закана, туку легитимна политичка проценка.

„Но, пред извесен период имаше изјави од некои политички актери кои велеа дека ако сега не продолжиме кон интеграции во Европа, дека можеби некои општини со доминантно албанско население би можеле да побараат сопствен пат кон Европа.

Настрана што тоа е невозможно, но тоа се неодговорни политички изјави и непотребно го заплашуваат народот бидејќи такво нешто е невозможно“ рече претседателот во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Такви слични изјави имавме слушано во 2008 и 2009 во однос на НАТО-интеграциите. Никаква дестабилизација на Македонија нема да се случи сигурно. Ако не се случи во 2008, кога на самитот во Букурешт бевме одбиени за членство во НАТО, нема никаква причина дека сега, ако не продолжиме кон Европа, би се случила таква безбедносна дестабилизација, рече Пендаровски. 

 Но, укажа дека може да се случи намалување на економската активност и како што рече, „да се отвори широко врата за популистички и националистички политички структури“.

„Тие би можеле да дојдат конечно на власт и да почнат во пракса да ги спроведуваат своите концепти за БРИКС, за некои алтернативи на ЕУ и на западната алијанса во целина, што знаеме каде ќе не одведе.

Значи, во смисла на демократијата можеме да назадуваме драстично, како што назадувавме од 2008 до 2016, кога Европската комисија рече дека Македонија е заробена држава. Тоа може да ни се случи и сега – уште поголемо економско стагнирање и, неспорно, демократско уназадување, што се два битни параметри за да имате релативно задоволни граѓани, рече Пендаровски.