Претседателот Стево Пендаровски не се сомнева дека ќе дојде денот кога Албанец ќе биде и претседател на државата.
,,Меѓутоа само ако ги добие гласовите од сите етнички заедници, како што тоа беше случај со мојот избор”, вели во интервју „Еуроњуз Албанија“ претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на прашањето за можноста етнички Албанец да дојде на претседателската функција во Македонија.
За Пендаровски не се спорни името и етничката припадност на човекот кој е носител на претседателската функција во државата, но смета дека на оваа позиција може да застане само тој што ќе ги добие гласовите и поддршката на сите етнички заедници, зашто само така би можел да се нарече претседател на сите граѓани.
„Можно е и етнички Албанец да биде претседател на државата, зошто да не, но ќе мора да ја добие поддршката и од етничките Македонци и од другите етнички заедници, не само од етничките Албанци. Просто, таа е изборната математика. Како што јас не можев да станам претседател без гласовите и на Албанците така утре претпоставено некој етнички Албанец не може да стане претседател на Македонија ако не добие гласови и од етничките Македонци. Кога велам дека јас не бев избран само го гласовите на Албанците, туку и со гласовите на другите, пред сè на Македонците, истото тоа важи и во обратна насока“, вели Пендаровски за „Еуроњуз Албанија“.
Според Пендаровски Говорејќи по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година етничките Албанци во земјава се многу повеќе застапени во сите институции во системот и не постои ниту една државна позиција, во државниот апарат која не е достапна за Албанците.
„Можам да кажам дека Албанците во изминатите 22 години, а тоа може да ви го кажат и самите тие, направија огромен исчекор во таа смисла. Ние во изминатите две децении и нешто плус имаме Албанци на сите високи државни позиции, а како бројка, ако имаше вкупно 2,4 проценти Албанци вкупно во сите државни институции во 2001, денес нивната бројка е околу 21 процент. Она што е исто важно, да не речат дека тие бројки не се правилно распоредени во горните и долните ешалони на политичката власт, Албанци има носители на највисоките функции. Имавме Албанец претседател на парламентот, сега имаме Албанец претседател на Владата. Воопшто не се сомневам дека ќе дојде денот кога Албанец ќе биде и претседател на државата ако ги добие гласовите од сите етнички заедници како што тоа беше случај со мојот избор“, изјавил Пендаровски во интервјуто.






