Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Кинеската глобална телевизиска мрежа (ЦГТН) ја позиционира Македонија на страната на „западната алијанса“ во конфликтот меѓу Русија и Украина.
„Руската Федерација беше една од првите земји што ја призна нашата независност во 1990-тите. Мнозинството луѓе што живеат во Северна Македонија, мислам на етничките Македонци, кои се Словени и најголемиот дел од нив се православни, имаат некаква поврзаност со рускиот народ. Ние немаме ништо против Руската Федерација, но на прво место мораме да го следиме нашиот национален интерес. Во 1990-тите нашиот народ реши да се зачлениме во НАТО-алијансата и со тоа да бидеме дел од западниот сојуз, па би требало да следиме што имаат да кажат нашите западни партнери за различните проблеми на меѓународната сцена. Ако ме прашате која е нашата позиција во моментов, ние блиско ги следиме нашите партнери од западниот сојуз не само поради тоа што сме формални членки на НАТО, туку и поради тоа што географски, културно, историски, па ако сакате и цивилизациски, ние сме дел од западниот сојуз. А во моментов интересот на западниот сојуз е во конфликт со рускиот, посебно во однос на украинско-рускиот спор, па ние мораме да го следиме него бидејќи тоа е наш национален интерес. И ние ќе продолжиме во истиот правец“, објасни тој за кинеската кабелска телевизија во државна сопственост.
Пендаровски со произнесе и за аспирациите на Украина да стане членка на НАТО.
„Ние го делиме ставот дека секоја земја во светот има суверено право да реши на која организација сака ѝ да се придружи или да ја напушти. На пример, Брекзит. Се разбира, потребен е консензус на сите за влез во НАТО, каков што беше случајот со нас, Северна Македонија. Според тоа, на украинските власти е да решат дали сакаат да аплицираат за членство и тоа би било валидно и легитимно. Но, од друга страна, како што реков, потребен е консензус за да биде прифатено тоа барање. Во моментов нема консензус меѓу членките на НАТО да се прими Украина, не поради оваа криза на границата со Русија или поради анексијата на Крим, туку Украина пред тоа мора да исполни доста одбранбени и безбедносни реформи пред да почне да размислува за неа како за сериозен претендент за членство“, додаде тој.





