Ова го порача вчера претседателот Стево Пендаровски кој учествуваше на лидерскиот состанок во организација на Белградскиот центар за безбедносна политика, насловен „Руската агресија врз Украина: Нов моментум за проширувањето на EУ?“.



Пендараровски одговори на обвинувањата дека забраната за влез на европратеник во Македонија ги нарушува билатералните односи.

„Не може никој да се сокрива зад својата функција, а да изнесува ставови кои ја повредуваат јавната безбедност во Македонија“, рече претседателот во врска со забраната на европратеникот Андреј Ковачев на 6-ти мај да влезе во Македонија заедно со уште неколку лица.

Тој потсети дека пред две и пол години Бугарија почна да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со ЕУ критериумите.

„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија“, рече претседателот Стево Пендаровски додавајќи дека тоа не ѝ прилега на една земја членка на ЕУ.