Доцнат платите на шефот на државата и луѓето од неговиот Кабинет, со оглед на тоа што досега вообичаено на сите им се исплаќале на 1-ви во месецот.
Од Министерството за финансии уверуваат дека претседателот Стево Пендаровски, 55 јавни службеници, пет советници и три именувани лица навреме ќе ја добијат јануарската плата, што би значело дека ќе биде запазен рокот до 15-ти во месецот.
„Кабинетот достави образложение до Министерството за финансии, одржани се и состаноци меѓу претставници на двете институции и се работи на надминување на пречките за решение на проблемот“, велат од Кабинетот на Пендаровски за „Макфакс“.
Министерството за финансии пак, наместо одговор каде е проблемот што платата не е исплатена како што е вообичаено, на 1-ви во месецот, испратија објаснување дека претседателот со вработените ќе добие пари во законскиот рок.






