Шефот на државата, претседателот Стево Пендаровски бара исклучување на аболицијата во македонскиот правен систем, односно да се оневозможи правото на шефот на државата да помилува лица за кои е во тек истражна или судска постапка, а нема правосилна пресуда, соопштија од Кабинетот на Пртседателот.
Ако Собранието го изгласа Предлог – законот за помилување, тогаш во иднина претседателот на државата нема да може да помилува лица кои се осомничени или обвинети, туку само оние за кои има правосулна судска пресуда дека сториле одредено кривично дело.
Министерството за правда соопшти дека предлогот е доставен во владина процедура. Овие измени се најавуваа уште кога со Министерството за правда раководеше професорот, Никола Тупанчески.
„На овој начин ќе се овозможи кривичните судови да ја остварат во целост својата основна функција, а таа е во соодветна постапка да ја утврдат вината на обвинетите и да ги осудат виновните сторители на кривични дела.
На тој начин се придонесува во зајакнување на независноста на судството и, воопшто, функционирањето на системот на поделба на власта и правната држава“, додаваат од кабинетот на шефот на државата.






