Претседателот Стево Пендаровски вечерва донесе нова одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава.
Претходно, Владата на Република Северна Македонија на вечерашната 67-ма седница донесе заклучок да поднесе предлог до претседателот на државата врз основа на членот 125 од Уставот да утврди постоење на вонредна состојба за период од 8 дена.
„Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули.
По постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.
Во таа смисла претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.
Претседателот Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата, информираат од прес-службата на претседателот.




